Тренерот на Челси, Маурисио Сари, по синоќешната победа на неговите играчи над Вест Хем (2:0), проговорил околу можното заминување на Еден Азар. Белгиецот ги постигна двата гола за Челси, има вкупно 16 во Премиер лигата оваа сезона, со кои го искачи тимот на третата позиција на табелата.
Азар долго време се поврзува со трансфер во Реал Мадрид. Белгиецот има договор со Челси до јуни 2020 година и летниот преоден рок е последна шанса клубот да заработи нешто од неговиот трансфер.
Се шпекулира дека Челси побарале 100 милиони фунти (116 милиони евра) за Азар.
„100 милиони фунти? Тоа е евтино. Но доколку сака ново искуство ќе ни биде тешко да го задржиме“, рекол Сари.
Последен обид на Челси да го задржат својот најдобра играч е договор според кој би заработувал 500.000 фунти неделно.