Top Sport

Брестовац го одреди тимот за Исланд

Македонската ракометна експедиција отпатува за Рејкјавик, каде утре, во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година, во Групата 3, ќе му гостуваат на Исланд.

Ракометарите преку Загреб и Париз ќе пристигнат во Рејкјавик, каде ќе ги чека крилниот играч на Веспрем Дејан Манасков.

Селекторот Данило Брестовац за мечот со Исланд покрај Манасков ќе ги има следните играчи: Борко Ристовски, Никола Митревски, Гоце Георгиевски, Мартин Поповски, Бојан Маџовски, Томислав Јагуриновски, Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски, Велко Маркоски, Кирил Лазаров, Филип Талески, Марио Танкоски и Филип Кузмановски.

Во овој состав играчите на Металург Јагуриновски и Маџовски дебитираат за државниот тим.

Со одлука на селекторот во Скопје останаа третиот голман Мартин Томовски, односно Димитар Димитриоски, Мартин Манасков и Мартин Серафимов.

Натпреварот со Исланд се игра в среда со почеток во 21:45 часот. Во Групата 3, Исланд води по две кола со четири бода, Македонија и Грција имаат по два, а Турција е без бодови.

Scroll to Top