Челси не смее да загуби во дуелот кај Манчестер јунајтед во „тешка пресметка“ за двата клуба кои се борат за пласман во топ 4, вели менаџерот на „сините“, Маурицио Сари.
Челси во моментов се на четвртото место на табелата, три поени зад Тотенхем, еден пред Арсенал и три пред Јунајтед, а ако не влезат во топ 4 ќе мораат да победат во Лига Европа за следната година да играат во Лигата на шампионите.
„Имаме две главни цели на крајот на сезоната. Првата е да бидеме меѓу најдобрите четири, а втората е да бидеме во финалето на Лига Европа. За да се оствари првата цел овој меч е поважен за нас и секако ќе одиме на победа, но прво не смееме да загубиме. Ќе биде тешко за двата тима“, вели Сари.
Сепак, статистиката не е погодна за него – Челси уште нема освоено поен против топ 6 тимовите на гости оваа сезона. Тие загубија четири пати, примајќи 13 гола и постигнувајќи еден гол.
„Во втората половина од сезоната играме со големите тимови на гости и тоа не е лесно. Јунајтед ќе бидат мотивирани по поразот во дербито на Манчестер, но мора да се обидеме“, вели Сари.