Маурицио Сари вели дека за Дени Дринквотер нема место во тимот на Челси бидејќи тој „не сака да се адаптира“ на фудбалската филозофија на Италијанецот.
Дринквотер лани играше 22 пати за Челси откако дојде од Лестер за 35 милиони фунти во септември 2017, но досега нема ниту еден меч под Сари. Тој неодамна беше на насловните страници на англиските таблоиди по обвинувањата за возење под дејство на алкохол и Сари сега вели дека нема планови да го интегрира во тимот и дека местото е резервирано за Жоргињо и Н’Голо Канте.
„Тој го знае тоа многу добро, бидејќи никогаш не играл под мене. Тој не е прикладен на мојот систем и на начинот на игра. Му го кажав тоа уште во август, но тој сметаше дека треба да остане во клубот. Моето мислење е дека тој не може да се адаптира. Канте може да игра со двајца во средниот ред бидејќи е светски шампион и технички фудбалер. Жоргињо против Брајтон одигра 161 додавања и тоа е клучно за нас. Во август му кажав на Дринквотер бидејќи траеше преодниот рок, но тој реши да остане. За мене тој е добро момче, но не е прикладен за мојата игра“, вели Сари.