Кристијано Роналдо ќе биде одморен од дуелот од Серија А против Лече во сабота, потврди тренерот на Јувентус, Маурицио Сари.
Португалецот само на еден меч оваа сезона не беше меѓу стартните 11 на Јувентус, постигнувајќи 5 гола во 10 меча. „Бјанконерите“ гостуваат кај новиот прволигаш Лече само четири дена откако се вратија за 2:1 победа над Локомотив Москва во Лигата на шампионите. Пред напорната низа на мечеви, Сари вели дека дури и на најдобрите им е потребен одмор.
„Дури и Роналдо ќе мора да одмори. Ќе видиме како ќе се чувствува, но сега немаме многу опции за ротација на тимот поради повредите. Леонардо Бонучи исто така ќе треба да одмори бидејќи играше многу ова сезона“, вели Сари.
Тренерот исто така кажа збор-два и за Пауло Дибала, за кого се шпекулираше дека ќе замине во текот на летото, а сега против Локомотив постигна два гола во две минути за пресвртот.
„Дибала игра добро цела сезона, така што секогаш очекувам добри перформанси од него. Знам дека го има квалитетот“, вели Сари.