Top Sport

Сари: Малку повеќе почит за Жозе Мурињо, ве молам

Менаџерот на Челси, Маурицио Сари влезе во неочекувана одбрана на својот колега, шефот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо пред утрешната пресметка на „Стемфорд бриџ“.

Италијанецот вели дека Мурињо мора да почне да добива повеќе почит од медиумите и навивачите, посочувајќи што тој направил за Челси и колку трофеи освоил со нив. Ова доаѓа, откако самиот Мурињо неколку пати ги потсети англиските медиуми за своите успеси, и тој сигурно ќе се израдува на оваа изјава.

„Зборуваме за тренер кој освоил сѐ! Победувал секаде, и затоа мислам дека морам да го почитуватам. Но, и вие мора да го почитувате“, изјави Сари за „Скај спортс“.

Челси го пречекуваат Јунајтед на врвот на табелата, додека Јунајтед повторно е под притисок и наводно над „главата“ на Мурињо е отказот. Сари вели дека очекува тежок натпревар.

„Тие се многу силен тим. Можеби ако гледате фудбалер-по-фудбалер, тие се најдобриот тим во Премиер лигата. Во моментов Манчестер сити се подобар тим, но ако зборуваме индивидуално, тогаш Јунајтед се најсилните“, објаснува Сари.

Scroll to Top