Тренерот на Јувентус, Маурицио Сари го критикуваше сопствениот тим за „незгодната ситуација“ во која се најде со фудбалери кои се „одбележани“ за продавање како Пауло Дибала, и вели дека неговото мислење за играта на Аргентинецот не е важно ако тој си замине.
Ова беше брутална искреност од Сари по 2:1 поразот од Атлетико Мадрид во меч од Интернационалниот куп на шампиони (ИЦЦ) во Стокхолм.
„Задоволен сум од перформансите и од односот кон играта, посебно во првото полувреме против тим кој беше во многу подобра физичка форма од нас. Не требаше да го примиме вториот гол, но тоа е дел од тренингот и подготовките. Од сегашниот тим морам да скратам шест фудбалери за Лигата на шампионите, а има уште 20 дена од преодниот рок. Дибала имаше само два тренинзи со мене, така што проценката не може да се направи. Но, јас можам да зборувам за Дибала колку што сакам, но ако пазарот го направи своето, тогаш моето мислење е безвредно. Јас би ги заддржал сите, но тоа ќе го реши пазарот“, вели Сари.