Top Sport

Сари: Никогаш не би живеел во Англија, но ми недостасува Премиер лигата

Маурицио Сари во интервју со официјалниот Јутјуб канал на Јувентус открива дека имал „конфликтни“ односи со фудбалерите на Челси, објаснувајќи дека „никогаш“ не би живеел во Англија, но дека му недостасува Премиер лигата

Сари една сезона беше на клупата на Челси, обезбедувајќи трофеј од Лига Европа и пласман во Лигата на шампионите, но веднаш се врати во Италија како замена на Масимилијано Алегри во Јувентус.

„Колку што одиш повисоко на скалите, потешко е да имаш лични односи со фудбалерите. Во соблекувалната на Челси имав конфликтна ситуација, но кога им кажав дека ќе си одам, многумина од фудбалерите плачеа. Јас не сум личност која тапка некого по рамото и зборувам многу кога ќе направи некој грешка и малку кога ќе направи добра работа. Но, мислам дека оставив впечаток на некои од фудбалерите и тие кои размислуваат за пензија ме прашуваа совети за тоа како да станат тренери“, вели Сари.

Иако не е љубител на англискиот животен стил, 61-годишниот тренер признава дека се вљубил во фудбалот во Премиер лигата.

„Имате чувство дека младите луѓе имаат многу повеќе шанси во Англија, и тоа не само во фудбалот. Но, никогаш не би живеел таму и не сфаќам како Италијанците се селат таму. За фудбалот, тоа е поинаква приказна. Ми недостасува Премиер лигата, бидејќи таму има неверојатно техничко ниво и единствена атмосфера  Никогаш не слушнав навреди од гостинските навивачи, кои од тебе бараат фотографија и стадионите секогаш се полни. Тоа е фантастично“, додава Сари.

Scroll to Top