Менаџерот на Челси, Маурицио Сари признава дека би сакал да се врати во Италија за да биде поблиску до своето семејство по тешката прва сезона во Премиер лигата, по шпекулациите дека тој ќе стане новиот тренер на Јувентус.
Челси, и покрај променливата форма, успеа да заврши на третото место во Премиер лигата и да го освои трофеот од Лига Европа, но дел од навивачите на лондонскиот клуб јасно се свртеа против него. Во интервју за „Венити фер“, Сари признава дека „нешто му недостасува“ по преселбата во Англија.
„За нас Италијанците, повикот на домот е силен. Ова беше тешка година. Почнав да ја чувствувам тежината на далечината од пријателите и од моите стари родители, но тоа се професионалните избори кои ги правите. Нема да можам да работам уште 20 години, бидејќи ова е тешка работа“, вели Сари.
Сари беше тренер на Наполи пред да го преземе Челси, но вели дека не е загрижен за реакцијата на навивачите на поранешниот клуб доколку би се приклучил на Јувентус.
„Наполитанците знаат дека ги сакам. Избрав да одам надвор од Италија минатата година, а не во италијански тим. Тој однос со нив нема да се смени. Лојалноста значи да даваш 110 отсто од себе кога си таму“, додава Сари.