Сасуоло со 3:0 ја совлада Бреша во последниот меч од 26. коло во италијанската Серија А, кој може да се покаже како последен меч овој месец, откако неколку часа претходно Италијанскиот олимписки комитет (ЦОНИ) предложи суспендирање на сите спортски активности во оваа земја поради корона вирусот.
Франческо Капуто стрелаше во 45. и 61. минута, а Жереми Бога во 74. минута стави точка на натпреварот пред празни трибини во малото градче во провинцијата Емилија-Ромања, за да ги крене Сасуоло до 11. место на табелата со 32 поени, и уште поважно да ја „закова“ Бреша на последното место на табелата со 16 поени, девет поени од безбедната зона.
Капуто по постигнувањето на првиот гол имаше порака за навивачите на Сасуоло: „Сè ќе биде во ред, останете дома!“.