Спортскиот директор на Сасуоло, Џовани Карневали потврди дека разговарал со новиот шеф на Пари Сен-Жермен, Луис Кампос за можен трансфер на нивниот најдобар фудбалер, напаѓачот Џанлука Скамака.
23-годишниот Скамака импресионираше во 2020/21 како соиграч на Горан Пандев во Џенова (каде што беше позајмен), пред минатата сезона да постигне 16 голаво 36 меча за Сасуоло и да добие повик во италијанската репрезентација. За неговите услуги беа заинтересирани повеќе италијански клубови, но и Арсенал, а сега Карневали вели дека е можен (скап) трансфер во Франција.
„Луис Кампос ми е добар пријател и се сретнавме на финалето на Лигата на шампиони. Зборувавме за повеќе фудбалери, но без сомнеж најзаинтересиран беше за Скамака. Мислам дека повеќе клубови се заинтересирани“, вели Карневали за „Скај спорт Италија“.