Ѕвездата на Ливерпул, Мохамед Салах покрај наградата за најдобар играч во Премиер лигата, од Саудиска Арабија ќе добие парче земја во светиот град Мека.
Фахд Ал-Рокви, потпретседателот на локалната власт во Мека, за весникот „Сабк“ објави дека Египќанецот е прекрасен амабасадор на Исламот во Велика Британија и со овој потег ќе се покаже дека младите луѓе со голем потенцијал добиваат поддршка.
„Има неколку опции околу ова доделување на земјата. Тоа ќе го одреди Мохамед Салах, но земјата е во близината на Харам и ако сака може на таа локација да се изгради џамија“, вели Ал-Рокви, кој додава дека друга опција е Салах да го продаде земјиштето.
25-годишниот Салах повторно блесна за Ливерпул, постигнувајќи два гола и асистирајќи на уште два при 5:2 победата над Рома во првиот меч од полуфиналето на Лигата на шампионите, со што дојде до 47 гола оваа сезона. Ова доаѓа откако во неделата беше именуван за најдобар фудбалер во Премиер лигата, како трет муслиман во низа – по Ријад Марез во 2016 и Н’Голо Канте во 2017 година.
Но, големината на Салах се гледа и надвор од фудбалските терени. Тој постојано ги фали своите клупски колеги, намалувајќи ја неговата улога во натпреварите, а во Египет има голем број на добротворни акции за да помогне со подобра едукација и подобра здравствена заштита.