Top Sport

Саудиските долари не се закана за европските клубови, вели шефот на УЕФА

Европските клубови не треба да стравуват од егзодус на ѕвездите во Саудиска Арабија, смета претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, оценувајќи дека арапската земја прави голема грешка со скапи инвестиции во ѕвезди кои се пред крајот на кариерата.

Кристијано Роналдо и Карим Бензема добиваат плати од стотини милиони долари, а слични понуди одбија Лионел Меси и Лука Модриќ, четири фудбалери кои имаат најмалку 35 години. Јавниот инвестициски фонд (ПИФ), компанија во сопственост на кралското семејство, овој месец ја презеде контролат на четирите најдобри саудиски клубови и се очекува да се трошат уште многу пари. Чеферин не е загрижен.

„Мислам дека тоа е грешка од саудискиот фудбал. Зошто? Бидејќи е потребно да инвестираат во фудбалски академии, во кои ќе донесат тренери за да ги развиваат своите фудбалери. Системот на купување на играчи кои се на крајот на својата кариера не е систем кој го развива фудбалот. Слична грешка направија во Кина пред неколку години“, вели Чеферин.

Дидие Дрогба беше првата ѕвезда која замина во Кина во 2012, по што следеа ѕвезди како Никола Анелка и Фредрик Кануте. Но, во последните години, инвестициите во кинеските клубови драстично се намалија.

„Кажете ми е еден фудбалер кој е на врвот, со вистинска кариера кој сака да игра во Саудиска Арабија? Не се работи за парите, фудбалерите сакаат да победат во врвните натпреварувања, а тие се во Европа“, додава Словенецот.

Scroll to Top