Потпретседателот на Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС), Саво Милошевиќ, смета дека репрезентацијата заслужила да се пласира во нокаут фазата и дека во тоа ја спречил германскиот судија Феликс Брих со тенденциозното судење на натпреварот против Швајцарија, одигран во второто коло, во Е-групата.
„Во однос на она што го прикажавме на трите натпревари ние заслуживме да играме во нокаут фазата. Не се пласиравме понатаму поради работи што немаат врска со фудбалот. Сепак тоа не треба да ни биде оправдување. Сакам да коригирам и дел од јавноста. Мене најмалку ме интересира не досудениот пенал против Швајцарија. Ние имавме најлошо тенденциозно судење што може да го има еден тим! Она што Брих го правеше во 20 минути од натпреварот беше директно тенденциозно навивање на наша штета, а во корист на Швајцарија. Пеналот беше само една од тие одлуки. Доколку имавме нормално судење ние ќе имавме 2:0 или 3:0 и немаше воопшто да говориме за пеналот“, рекол Милошевиќ.
Србија на СП во Русија ја победи Костарија 1:0, а загуби од Швајцарија 1:2 и Бразил 0:2.