Маурисио Почетино објави соопштение преку Асоцијацијата на менаџери во Премиер лигата (ЛМА) откако минатата недела беше отпуштен од Тотенхем по слабиот старт на сезоната и заменет со Жозе Мурињо, кој пак стартуваше со две победи – 3:2 над Вест хем во саботата и 4:2 над Олимпијакос во ЛШ во вторникот.
Почетино помина пет сезони во Тотенхем, а минатата сезона ги однесе до финалето на Лигата на шампионите, каде што загубија со 2:0 од Ливерпул. Во соопштението тој вели дека ги остварил целите.
„Би сакал да им се заблагодарам на Џо Луис и на Дејвид Леви за укажаната шанса да бидам дел од историјата на Тотенхем. Би сакал да се заблагодарам на сите кои ги сретнав во Тотенхем, и на сите фудбалери во овие пет и пол години. На крај, секако посебно би ги споменал неверојатните навивачи кои го прават клубот толку голем. Дадов сè да ги остварам целите кои ги поставивме на првиот состанок во 2014. Имаше големи предизвици и големи успеси. Посакувам сè најдобро во иднината и сигурен сум дека патишата пак ќе ни се вкрстат“, пишува Почетино.