Вниманието на фудбалскиот свет, денес е насоченo кон Лозана, каде што Арбитражниот суд за спорт (CAS) ќе одржи расправа за жалбата на Фудбалскиот сојуз на Сенегал (ФСС) против одлуката за одземање на титулата од Африканскиот куп на нации во 2026 година.
Овој случај се заканува да постави еден од најважните правни преседани во модерниот африкански и светски фудбал, со оглед на невидените настани од драматичниот финален натпревар.
Финалето помеѓу Сенегал и домаќинот Мароко, одиграно на 18 јануари 2026 година, беше обележано со жесток скандал.
Репрезентацијата на Сенегал го напушти теренот 17 минути во знак на протест поради поништениот гол и контроверзната одлука за ВАР, домаќинот да добие пенал.
Иако играчите подоцна се вратија на теренот и успеаја да победат со 1:0 по продолженијата, но за сите Сенегалци шокантната одлука дојде два месеци подоцна.
На 17 март, Комитетот за жалби на Конфедерацијата на африкански фудбал (CAF) пресуди дека Сенегал направил службен прекршок со напуштањето на теренот и практично го предал натпреварот, со што административно му го доделил трофејот и победата од 3:0 на Мароко.
Фудбалскиот сојуз на Сенегал најави правна битка и побара интервенција од независен орган.
Арбитражниот суд за спорт (CAS) потврди дека расправата ќе се одржи зад затворени врати во Лозана и дека конечната одлука и пресуда нема да бидат објавени на самиот ден на расправата.
Фудбалскиот свет со нетрпение очекува епилог што би можел радикално да ја промени судбината на континенталниот трофеј.
