Британскиот новинар Пирс Морган се сомнева дека португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо повторно ќе заигра за Манчестер јунајтед. Морган е во добри односи со Роналдо, тој истакна дека биле во контакт оваа недела.
Португалецот не отиде со тимот на подготовки во Азија и Австралија поради, како што се наведува, лични причини.
„Бевме во контакт. Мислам дека е малку веројатно дека Кристијано Роналдо повторно ќе одигра натпревар за Манчестер јунајтед. Мислам дека во главата веќе е подготвен за нов предизвик”, изјави Морган за „Talksport“ и додаде:
„Мислам дека тој чувствува дека структурата на клубот не е во ред. Роналдо има почит кон новиот тренер Тен Хаг, но не е јасно во која насока сега оди Јунајтед“.
Морган, кој е огромен навивач на Арсенал, вели дека го убедувал Португалецот да се пресели во Лондон.
„Навивачите на Арсенал треба да знаат дека правам се што е во моја моќ за да го убедам да дојде во Арсенал“, изјави Морган.
Речиси и да не постои голем тим во Европа кој летово не се поврзуваше со Кристијано Роналдо, но Португалецот допрва ќе треба да најде нов клуб.