Top Sport

Се врати моќната Аталанта, „настрада“ Сасуоло (видео)

Аталанта, клубот од Бергамо, еден од најпогодените градови од корона вирусот во Италија, се врати на победите по паузата од три месеци, откако го „демонтираше“ тимот на Сасуоло со 4:1 покажувајќи дека нема намера да се откаже од топ 4 пласман оваа сезона.

Популарните „Ла деа“ досега имаа фантастична сезона, пласирајќи се во четврт-финалето на Лигата на шампионите пред хаваријата со корона вирусот, и мечот, нормално започна со минута молк за загубените животи во која беше прикажано видео за борбениот дух на Аталанта.

Мечот започна со силно темпо на двете страни, пред Берат Џимсити во 16. минута да донесе водство за домаќините. Само три минути подоцна Дуван Запата повторно ја смести топката во мрежата, но ВАР системот одлучи дека се работи за играње со рака од Робин Госенс.

Во 31. минута, Госенс се оправда со додавање до Запата за 2:0, за само шест минути подоцна Мехди Бурабија да си постигне смешен автогол за 3:0. Запата уште еднаш се запиша во листата на стрелците во 66. минута за 15-та победа на Аталанта. Бурабија во 92. минута го постигна почесниот гол за гостите.

Клубот од Бергамо е на четвртото место на табелата со 51 поен, само три зад Интер (кои подоцна ја пречекуваат Сампдорија), но и шест поени пред Рома и дури 12 пред шестопласираниот Наполи. Сасуоло се на 12. место со 32 поени, седум над зоната за испаѓање.

Scroll to Top