Македонскиот првак Шкупи ќе го пречека косовскиот тим Балкани утревечер (21 часот) на арената „Тодор Проески“ во Скопје во првиот дуел од плеј-офот за групна фаза од Конференциската лига на УЕФА. Последен обид да се стигне до најголемиот успех во клупската историја.
Тренерот Гоце Седлоски го респектира противникот, но и потенцира дека неговиот тим е подготвен за предизвикот.
„Мислам дека сме подготвени за предизвикот и треба да одиграме најдобро што знаеме. Во таков случај, уверен сум дека успехот ќе дојде. Ова е последната шанса да избориме групна фаза во европските купови и се надевам дека ќе ја искористиме. Бевме малку разочарани по елиминацијата од Шамрок, но сега сме максимално фокусирани на овој двомеч. Балкани е квалитетен тим, одигравме пријателски натпревар со нив во текот на подготовките, а сега ќе се сретнеме за пласман во групите од Конференциската лига на УЕФА“, изјави Гоце Седлоски на денешната прес – конференција.