Top Sport

„Седумката“ на Ливерпул осигура пет англиски тимови во осминафиналето (видео)

Првпат во историјата на натпреварувањето, пет англиски тимови (Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Ливерпул, Челси и Тотенхем) се пласираа во осминафиналето на Лигата на шампиони по комплетирањето на натпреварите по групи.

Ливерпул предводени од хет-трикот на фантастичниот Филип Кутињо го „здроби“ тимот на Спартак Москва со 7:0 и ги уништи сите надежи на Русите за пласман во осминафиналето, за што им беше потребна победа на „Енфилд“ и добар резултат на Марибор против Севилја, кој го доби откако словенечкиот шампион ги изненади Шпанците со 1:1.

За Кутињо ова е прв натпревар на кој постигнува хет-трик за „Црвените“, со што уште еднаш покажува зошто сопствениците на Ливерпул не сакаа да го дадат Бразилецот на Барселона, иако вака само се зголемува неговата цена.

Манчестер сити прими два гола за шест минути во првото полувреме за да загуби на гостувањето кај Шахтјор во Харкив со 2:1, по што украинскиот тим го обезбеди второто место во табелата со што директно ги елиминираше Наполи, кои загубија кај Феенорд со 1:2.

Третиот англиски тим во акција, Тотенхем, пак, со 3:0 рутински ги совлада АПОЕЛ за да го потврди првото место во групата пред моќните Реал Мадрид, кои во интересен меч без големо значење ја победи Борусија Дортмунд со 3:2.

Во групата Г, турскиот шампион Бешикташ со 2:1 победи на гостувањето во Германија кај РБ Лајпциг за да ги комплетира натпреварите по групи без пораз, додека Порто со 5:2 го декласираше францускиот шампион Монако за да го потврди билетот за осминафиналето.

Ждрепката за осминафиналето ќе се одржи на 11 декември во Нион и во неа, првопласираните во групите ќе имаат дуел со второпласираните. Нема да биде можен дуел на тимови од иста земја, ниту можат да се паднат два тима кои играле во своите групи. Осминафиналето ќе се игра од 13 февруари до 13 март.

СИТЕ 16 ОСМИНАФИНАЛИСТИ

Првопласирани:

Манчестер јунајтед, Пари Сен-Жермен, Рома, Барселона, Ливерпул, Манчестер сити, Бешикташ, Тотенхем

Второпласирани:

Базел, Баерн Минхен, Челси, Јувентус, Севилја, Шахтјор Доњецк, Порто, Реал Мадрид

 

ГРУПА Е

Ливерпул – Спартак Москва 7:0

Марибор – Севилја 1:1

Конечна табела: 1.Ливерпул 12, 2.Севилја 9, 3.Спартак М. 6, 4.Марибор 3

ГРУПА Ф

Феенорд – Наполи 2:1

Шахтјор Доњецк – Манчестер сити 2:1

Конечна табела: 1.Манчестер с. 15, 2.Шахтјор 12, 3.Наполи 6, 4.Феенорд 3

ГРУПА Г

Порто – Монако 5:2

РБ Лајпциг – Бешикташ 1:2

Конечна табела: 1.Бешикташ 14, 2.Порто 10, 3.Лајпциг 7, 4.Монако 2

ГРУПА Х

Реал Мадрид – Борусија Дортмунд 3:2

Тотенхем – АПОЕЛ Никозија 3:0

Конечна табела: 1.Тотенхем 16, 2.Реал М. 13, 3.Борусија Д. 2, 4.АПОЕЛ 2

Scroll to Top