Top Sport

Сега и Џерси бара членство во УЕФА

Обидот на Џерси да стане 56. членка на УЕФА ќе биде ставена на гласање во понеделни, а фудбалската асоцијација на малиот остров вели дека главната цел не е да се обезбедат мечеви против врвните европски репрезентации.

Фил Остин, претседателот на Фудбалската асоцијација на Џерси (ЈФА), вели дека најважното е нивните најдобри играчи да играат против репрезентации со иста сила, наместо дуели со Германија, Шпанија или Франција. Покрај тоа, тие велат дека условите за развој на фудбалот на малиот остров меѓу Англија и Франција не можат да продолжат без помош на УЕФА.

„Имаме центар за развој на момците, центар за развој на девојките, 17 сениорски клубови, но тоа сопира тука бидејќи ние сме мал остров. Немаме редовно надворешно натпреварување. Ако си 28-годишен фудбалер во Џерси, најверојатно играш со истите играчи секоја недела веќе 15 години. Се обидуваме  да најдеме начин нашите фудбалери да добијат интернационално искуство“, вели Остин во интервју за „Ројтерс“.

УЕФА веќе е под критики за тимовите како Андора, Сан Марино и Гибралтар, кои на сите квалификации само се обидуваат да примат помалку голови. Германскиот селектор, Јоаким Лев се пожали на многуте натпревари против слабите репрезентации и Остин се согласува.

„Сфаќам дека Англија или Германија нема да сакаат да играат со нас. Но, да бевме во Лигата на нации, ќе бевме со Андора, Сан Марино, Гибралтар, Малта и Лихтенштајн и тоа ќе беше сосема ОК“, додава Остин.

Тој го посочува примерот во крикет, каде што Џерси игра во петтата лига и лани победи во група со Вануату, Гана и Германија. Џерси првпат се обиде да стане членка на УЕФА во 2015, но нивното барање беше одбиено од извршниот комитет, по што следуваше жалба до Судот за арбитража во спортот (ЦАС), кои одлучија дека нивната апликација мора да се објасни пред целиот Конгрес на УЕФА, кој во понеделник заседава во Братислава.

Scroll to Top