Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), го одржа редовното Генерално собрание. Присутните делегати го усвоија извештајот на претседателот и Управниот одбор на ФФМ за 2022. година.
Највисокото тело на федерацијата ја усвои завршната сметка за минатата година и буџетот на федерацијата за идната година, а беше усвоен извештајот на независниот ревизор.
Делегатите на Собранието едногласно ги усвои извештајот од Администрацијата на ФФМ за исполнување на стратегискиот план 2021-2025, а беше усвоена и Стратегијата за социјална одржливост.
Работниот дел од денешното редовно Собрание на ФФМ го следеа претставници на УЕФА и ФИФА. Денис Бастари, претставник на одделот за Национални асоцијации ја претставуваше УЕФА, додека Елкан Мамадов и Лоренцо Каваљари беа претставници на ФИФА.
„Во изминатите години успеавме да реализираме голем број на проекти и би сакал да се заблагодарам на сите во фудбалското семејство кои дадоа свој придонес. Овој тим е синоним за успех и надеж. За федерацијата и понатаму стратешки важно е вложувањето во инфраструктурата. До сега вложувавме во терени насекаде низ Македонија, но она што е важно да се нагласи е дека во наредниот период ќе работиме на подобрување на условите и на нашиот тренинг центарот „Петар Милошевски“.
Со Управниот одбор ќе ја донесеме најдобрата одлука и мислам дека во наредниот период ќе можеме и поконкретно да зборуваме за тоа. Поентата не е само да се фотографираме, туку да ги покажеме конкретните чекори кои ги преземаме. Преку стратешки и проектен пристап, се подобрува фудбалската инфраструктура насекаде низ државата, градиме и уредуваме нови и постоечки стадиони, трибини и услови за тренинг.
Наша обврска е да создадеме максимални услови за нашите фудбалери и стручниот штаб на сите репрезентативни селекции. Да се чувствуваат комотно во нивната работа и да бидат секогаш најдобри на теренот како што и го покажуваат тоа и постојано го докажуваат.
Наша визија е пласман на големите натпреварувања да биде нормална работа и да станеме редовен учесник на истите. Успехот поставува нови стандарди на работа и професионалност, а тоа е и главна мотивација за новите генерации што доаѓааат.
На стара слава не се живее, имаме план и програма и одиме чекор по чекор. Нашата програма за работа е квалитетно осмислена и ја следи федерацијата во однос на целите и тоа што треба и што може да се направи. Во однос на тоа имаме голема поддршка и помош од УЕФА и ФИФА за што сме бескрајно благодарни.
Не бегаме од предизвиците кои се пред нас, напротив, подготвени сме и се радуваме на новите искушенија“, рече во своето обраќање првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини.
Извор/ffm.mk