Top Sport

Секој меч е важен, а посебно слатка би била победата над Бугарија

Топспорт во Разград,
Никола Ѓуровски

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (18 часот) во Разград ќе се сретне со Бугарија во првиот натпревар од новиот циклус во Лигата на нации. Прво, па „машко“, против источниот сосед кој ни прави многу проблеми во политичките води и на патот на интеграцијата кон Европската Унија.

Во фудбалот Македонија одамна е во Европа, беше дел и од Европско првенство, па тука Бугарија и нема некоја посебна „сила“. И кога е фудбалското умеење во прашање, се чини дека Македонија е поквалитетна во овој момент, иако тоа ќе треба да го докаже и на теренот.

Селекторот на Македоија, Благоја Милевски, не сака да го коментира оној друг дел, фокусиран е само на фудбалското надмудрување.

„Не гледам дека сме фаворити, тие се одредуваат само и единствено на фудбалскиот терен. Кој ќе покаже повеќе – ќе оствари победа. Ние сме спортски работници и јас на овој натпревар гледам единствено од фудбалски аспект. Мотивирани сме максимално, но затоа што ја претставуваме Македонија, а не поради името на ривалот“, изјави Милевски.

Со капитенската лента на овој меч ќе биде Енис Барди, а имаше убава најава, дека минатиот пат дал три гола кога имал таква улога.

„Последниот пат кога бев капитен, дадов три гола. Секој натпревар што го играме во дресот на Македонија сме максимално мотивирани да го победиме. Почнуваме нов циклус во Лигата на нации, а овој натпревар е исклучително важен, впрочем како и сите други“, изјави Барди.

Познат е и составот што треба да го одреди селекторот Милевски за денешниот меч.

На голот ќе биде Столе Димитриевски, а во одбраната ќе делуваат Ашковски, Велковски, Муслиу и Алиоски. Во средниот ред Стефан Спировски треба да донесе искуство крај Барди и Елмас, а на крилните позиции ќе бидат Дарко Чурлинов и Александар Трајковски. Улогата на централен напаѓач ќе ја има Милан Ристовски.

Натпреварот меѓу Бугарија и Македонија е закажан за 18 часот, на „Лудогорец Арена“ во Разград.

Scroll to Top