Двајца најдобри во 21 век се во доцните фудбалски години, што го поставува прашањето за нивниот настап на претстојното Светско првенство.
И Аргентинците и Португалците вешто ги кријат своите карти, без јасни навестувања дали Лионел Меси и Кристијано Роналдо ќе ги закажат своите лебедови песни за следното лето.
„Ќе почекаме додека не одлучи, засега не знаеме ништо. Во принцип, сè оди во вистинската насока. Само ќе ја прифатиме неговата конечна одлука, тоа е реалноста“, беше краток тренерот на светскиот шампион Лионел Скалони.
Неговиот колега, од португалскиот табор, не беше премногу расположен да разговара за жешката тема.
„Како и сите играчи, тој има уште шест месеци до Светското првенство. Моменталното ниво на Кристијано е високо, тој постигна 25 гола во последните 30 натпревари за Португалија и е во добра форма. Ќе почекаме до летото“, рече Роберто Мартинез.
Иако кормиларите се бранат со молчење, сосема е јасно дека двајцата великани едноставно мора да бидат меѓу патниците за Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико. Тоа би бил рекорден шести настап за Меси и Роналдо на најголемото фудбалско шоу во светот.
Foto/ EPA
