Top Sport

Селекторот го „отпиша“, Серхио Рамос кажа збогум на Шпанија

Шпанската фудбалска легенда, Серхио Рамос потврди дека се повлекува од шпанската репрезентација по фантастични 180 настапи за „фуријата“.

36-годишниот фудбалер на Пари Сен-Жермен, речиси 18 години го носеше црвениот дрес, освојувајќи ја светската титула во 2010 и две европски титули, пред да не биде повикан во репрезентацијата од страна на поранешниот селектор Луис Енрике за Мундијалот во Катар, а сега добил информација од неговиот наследник Луис де ла Фуенте дека нема да има камбек.

„Дојде тоа време. Време да кажам збогум на шпанската репрезентација. Утрово добив повик од сегашниот селектор, кој ме информираше дека нема да бидам дел од неговите планови без разлика на тоа како ќе играм или што ќе направам во кариерата. Со тешко срце, ова е крај на патот кој се надевав дека ќе продолжи и ќе заврши со подобар вкус во устата. Искрено верувам дека овој пат требаше да заврши по мој избор или бидејќи моите перформанси не беа на вредно ниво. Бидејќи самата возраст не е квалитет, ниту дефект, туку само бројка. Се восхитувам и им завидувам на играчите како Модриќ, Меси и Пепе. За жал, за мене нема да биде така, бидејќи фудбалот не секогаш е фер, а и фудбалот не секогаш е само фудбал. Си заминувм со незаборавни сеќавања, со титули за кои се боревме и со гордост дека сум шпанскиот фудбалер со најмногу настапи за репрезентацијата. Овој дрес, овој грб и овие фанови ме направија среќни“, вели Рамос.

Scroll to Top