Top Sport

Селта не дозволи изненадување од Лас Палмас (видео)

Селта Виго успеа да стигне до 2:1 победа над Лас Палмас, враќајќи се од негатива во последните минути од последниот натпревар од 27. коло во шпанската Ла лига.

Тимот од Канарските Острови, кој грчевито се бори за опстанок во елитата, беше израмнет противник во првото полувреме, и дојде во водство во 53. минута кога Експозито излета сам во шестнаесетникот на домаќините и го совлада голманот Бланко.

Само девет минути подоцна тимот од Галиција израмни по грешка на гостинскиот голман преку Кастро, за во 89. минута од мечот кога по мешаница пред голот, Пабло Ернандез ги донесе трите поени за Селта.

Со победата, Селта се искачи на деветтото место на табелата со 38 поени, додека Лас Палмас остана во опасната зона на 18. место со 20 поени, еден помалку од 17-пласираниот тим на Леванте.

Фото: ЕПА

Scroll to Top