Top Sport

Понеделничка ПЛ забава – Матиќ ги спаси Јунајтед на „Селхарст парк“ (видео)

Премиер лигата уште еднаш покажа зошто собира огромни приходи од ТВ-правата, откако во понеделничкиот возбудлив натпревар, Манчестер јунајтед успеа да се врати од 2:0 негатива на гостувањето кај Кристал палас за 3:2 победа благодарение на фантастичниот гол на Немања Матиќ.

Деветнаесеттата победа на тимот на Жозе Мурињо оваа сезона изгледаше далечна откако мотивираните домаќини водеа со 2:0 до 55. минута од мечот, но во меч полн со напаѓачки фудбал (изненадувачки) на крајот тие си заминаа со три поени од „Селхарст парк“, „кинејќи“ им важни поени на Палас во борбата за опстанок.

Домашните фанови имаа на што да се радуваат уште во 11. минута, кога ударот на Андрос Таунзенд се удри во Линделоф и успеа да го измами Давид де Хеа, а ситуацијата стана сериозна во 48. минута кога Патрик ван Анхолт го удвои водството на домаќините.

Крис Смолинг успеа да намали на 2:1 во 55. минута, а влегувањето на Хуан Мата во 67. минута внесе подобра игра на Јунајтед, кои во 76. минута израмнија преку Ромелу Лукаку. Давид де Хеа неколку пати беше на „тест“ да прими уште еден гол, пред Немања Матиќ со фантастичен удар во 91. минута да го реши победникот.

Јунајтед остануваат на второто место во ПЛ со 62 поени, 16 помалку од далечните лидери Манчестер сити, но два пред Ливерпул пред големото дерби на „Олд Трафорд“ во сабота. Кристал Палас се на 18. место во „зоната за испаѓање“ со 27 поени, еден помалку од 17-пласираниот Саутемптон.

Фото: ЕПА

Scroll to Top