Генералниот директор на Серија А (во оригинал Serie A), Луиџи де Сиерво потврди дека од следната сезона првата италијанска лига ќе има поинакво име за странство, бизарната формулација Serie A Made in Italy, како дел од програмата за враќање на „лидерската позиција на интернационална сцена“.
54-годишниот Де Сиерво вели дека оваа промена ќе донесе креирање на атрактивен бренд кој ќе може да биде ривал на двете финансиски најмоќни лиги во Европа, англиската Премиерлига и шпанската Ла лига.
„Почнавме со патот за враќање на нашата лидерска позиција на интернационалната сцена. Креираме интересен производ со висок квалитет. Активното време на игра е 66 отсто, и мораме да бидеме свесни дека се бориме со ‘Нетфликс’ и ‘Амазон’ за слободното време на луѓето. Успехот на нашите клубови не е случајност и мислам дека нашата лига има најмногу потенцијал, посебно дека знаеме дека во минатото бевме со децении најдобри. Убавината на нашите градови е уникатна, на стадионите мора да се работи. Склучивме договор со владата за нашата лига во странство да се вика Serie A Made in Italy“, вели Де Сиерво.