Фудбалскиот сојуз на Италија, донесе одлука сезоната во Серија Б да продолжи со 19 екипи. На овој начин челниците на Сојузот ставија крај на конфузијата што владееше во Втората лига од почетокот на сезоната.
Проблемите во Серија Б настанаа кога Бари, Авелино и Чезена, непосредно пред почетокот на сезоната прогласија банкрот, поради што лигата наместо со 22 започна со 19 клуба.
Во меѓувреме пет екипи од Серија Ц (Катанија, Новара, Тернана, Про Вичели и Сиена) покажаа интерес за ги пополнат испразнетите места, меѓутоа Фудбалскиот сојуз на Италија, откако неколку недели ги разгледуваше опциите, реши да ги одбие нивните барања и лигата да продолжи со 19 екипи.
Инаку, поради случувањата, еден краток период Серија Б беше суспендирана, но по донесувањето на оваа одлука, лигата ќе започне да функционира нормално. Нејасно е само што ќе се случи со трите екипи што прогласија банкрот.
Досега во Серија Б се одиграно шест кола, а на табелата води Верона со 13 бода.