Севилја му нанесе тежок пораз на Реал Мадрид од 3:0 на „Санчез Рамон Писхуан“, не дозволувајќи им на „кралевите“ да го искористат киксот на Барселона кај Леганес и да се искачат на првото место на табелата во Шпанија.
Андре Силва цела мината сезона се мачеше во Милан, но трансферот во Андалузија го препороди и Португалецот беше тој кој ги „матираше“ Реал во само три минути. Прво во 17. минута убаво се снајде по еден брз контранапад, за во 21. минута по уште еден брз напад на Севилја да зголеми на 2:0.
Мизеријата на тимот на Хулен Лопетеги ја зголеми Висам Бен Једер, кој во 39. минута му го загорчи животот на Тибо Куртоа.
„Лос бланкос“ се надеваа на пресврт кога во 52. минута, Марко Асенсио постигна гол за намалување на 3:1, меѓутоа судијата Алехандро Ернандез по консултирањето на ВАР-системот го поништи голот.
Фото: ЕПА