Во неверојатниот прв неделен меч во Ла лига, Леванте на македонскиот репрезентативец Енис Барди доживеа дебакл на домашен терен од 2:6 од тимот на Севилја.
Гостите поведоа преку Бен Једер веќе во 11. минута, но Леванте во следниот напад израмни на 1:1 преку Роџер. Десетина минути подоцна Севилја се врати во водство преку Карико, а Леванте имаше совршена шанса да израмни, но утна пенал преку Моралес.
Потоа следуваше казната – до крајот на полувремето Севилја постигна два гола, а хет-трик комплетираше Бен Једер за 1:4. „Прогнаникот“ од Милан, Андре Силва зголеми на 1:5, а во 59. минута веќе беше 1:6 со голот на Сарабија. Леванте благодарение на автоголот во финишот на мечот намали на 2:6. За Леванте ова само го влошува лошиот старт на сезоната и сега се на 15. место на табелата со четири поени.