На последните 24 меѓусебни средби меѓу Севилја и Барселона, секогаш имало најмалку по 2 гола. Во последните 8 години, на средбите на овие два тима во врвот на шпанскиот фудбал, вкупно имало 97 погодоци.
Вечерва по 90-те минути на семафорот на „Рамон Санчес Писхуан“ стоеше 0:0.
Интересен натпревар, до добро темпо, но без голови. Иако во последните моменти најпрво Суарез имаше шанса конечно да се запише во листата на стрелци, а неколку моменти подоцна и Серхио Регуилон промаши од непосредна близина, односно биеше директно во Тер Штеген.
Поседот на топката беше на страна на Барселона, иако играчите на Севилја истрчаа повеќе.
Двете екипи упатија по 4 удари во рамките на противничкиот гол.
Најголема корист од вечерашново реми има тимот на Реал Мадрид кој сега е на само -3 зад Каталонците, па доколку утре слави во Сан Себастијан, Кралскиот клуб ќе се израмни со Барса на врвот на табелата во Ла Лига.