На кризата на Шалке, овогодишниот претставник на Германија во Лигата на шампионите, му нема крај. Тимот од Гелзенкирхен едвај стигна до 1:1 реми на гостувањето кај претпоследниот Нирнберг, кој може да жали за победата откако утнаа пенал во првото полувреме.
Хано Беренс имаше совршена прилика на домаќините да им донесе водство, но утна пенал во судското продолжение во првото полувреме. Сепак, фановите на Нирнберг се порадуваа на можноста за победа и зголемувањето на шансите за опстанок кога Јапонецот Јуја Кубо во 83. минута излезе сам пред голманот Александер Нибел и со глава го матираше.
Честа, и поенот, на „Макс Морлок“ стадионот за гостите ја спаси Матија Настасиќ само две минути подоцна со малку среќа.
Со овој резултат, Шалке се само на 14. место со 27 поени, додека Нирнберг се 17-ти со 18 поени, зад Штутгарт (21) и Аугзбург (25). До крајот на сезоната двата тима имаат по четири натпревари.
Инаку Нирнберг и Шалке се збратимени тимови во Германија, но овојпат секој поен беше важен во борбата за опстанок.