ПСЖ и оваа сезона нема да ја освои Лигата на шампионите. Откако минатата сезона беше елиминиран од Реал, оваа сезона Баерн Минхен беше подобар од францускиот шампион со вкупни 3:0. Така, по којзнае кој пат од доаѓањето на катарските инвеститори се повтори сценариото во кое ПСЖ релативно рано испаѓа од Лигата на шампионите.
Тоа значи и нова реконструкција на тимот. Се очекува Нејмар да го напушти клубот на крајот на сезоната, но тој најави дека сака да остане. Клубот посакува останатите две големи ѕвезди Килијан Мбапе и Лионел Меси да останат во тимот и следната сезона, а „Л’Екип“ откри кој ќе мора да си замине.
Најпознатиот француски спортски медиум пишува дека на трансфер листата се наоѓаат играчите од средниот ред Карлос Солер, Ренато Санчес и Фабијан Руиз. Сите дојдоа во клубот минатото лето, но не ги оправдаа очекувањата и шеиците му наредиле на спортскиот директор Луис Кампос да се ослободи од нив за да се направи простор за нови капитални засилувања.
Освен нив, отпишан е и левиот бек Хуан Бернат, а најверојатно ПСЖ на крајот од сезоната нема да го откупи договорот на Хуго Екитика, младиот напаѓач кој настапуваше во Париз како позајмен играч на Ремс. Најголемото име кое ќе го напушти клубот на лето секако е Серхио Рамос. На шпанскиот стопер му истекува договорот, а ПСЖ не е подготвен да му понуди нов, па ќе го пушти бесплатно да си замине.