Словенецот Бенјамин Шешко е нов играч на Манчестер јунајтед, објави англискиот клуб.
Шешко (22) потпиша договор со Јунајтед до јуни 2030 година. Тој дојде во Манчестер за 76,5 милиони евра, плус уште 8,5 милиони преку бонуси, објавува Би-Би-Си.
„Историјата на Манчестер јунајтед е многу посебна, но она што навистина ме возбудува е иднината. Кога разговаравме за проектот, беше јасно дека сè е подготвено овој тим да продолжи да расте и наскоро повторно да се натпреварува за најголемите трофеи. Од моментот кога пристигнав, можев да ја почувствувам позитивната енергија и семејната атмосфера. Очигледно е совршеното место за мене да го достигнам моето максимално ниво и да ги исполнам сите мои амбиции“, изјави Шешко за веб-страницата на клубот.
Словенечкиот фудбалер постигна 21 гол и шест асистенции на 45 натпревари во сите натпреварувања минатата сезона во Лајпциг. Шешко е најмладиот дебитант на словенечката репрезентација, за која одигра 41 натпревар и постигна 16 гола.
На овој начин, Шешко стана третиот најскап играч од територијата на поранешна Југославија, со оглед на тоа што беше платен 76,5 милиони евра.
Скалата високо ја крена Хрватот Јошко Гвардиол, на кого Сити плати 90 милиони евра, а втор на листата е Србинот Душан Влаховиќ, за кого Јувентус издвои 83,5 милиони евра.
Foto/ manutd.com