Шпанската полиција приведе шест лица осомничени за местење на фудбалскиот натпревар од Купот на Шпанија помеѓу Хуракан Мелиља и Леванте одигран на 2. декември 2021 година. Осумничените се обложиле на точен резултат.
Тогашниот прволигаш Леванте го победи нисколигашот од шпанската енклава во Северна Африка со 8:0. Уапсените во Мелиља, чиј идентитет не се соопштува, заработиле 30.000 евра со уплата на поголеми суми во обложувалници и преку интернет.
„По поплаките од обложувалниците и Ла Лига, започнавме опсежна истрага која кулминираше со апсење на шест шпански државјани“, соопшти шпанската полиција.
Истрагата е покрената откако Ла Лига примила дојава од анинимен извор.
Полициските истражители провериле 77 уплати во обложувалници, а едната била дури 6.000 евра. Таа забележала и масовни плаќања преку Интернет за точниот резултат и тоа во интервал од три часа.
Во март 2020 година, шпанската влада со закон го забрани јавното рекламирање на обложувалниците и другите установи за коцкање со цел да ја спречи зависноста од коцкање во земјата со 47 милиони жители.