Top Sport

Шевченко: Азар може до „златната топка“ и со Челси

Поранешниот напаѓач на Челси, Андриј Шевченко верува дека Еден Азар може да ја освои „златната топка“ и со „сините“ доколку го продолжи одличниот старт на сезоната, откако Белгиецот изјави дека можеби треба да игра за шпански клуб за да биде во игра за најелитната индивидуална награда.

Азар има осум гола во 10 настапи за Челси досега оваа година и долго време се смета за еден од најталентираните фудбалери на светот, но поради тоа што никогаш немал многу постигнати голови (имаше 16 во најдобрата сезона со Челси), ретко кога бил во игра за „Балон д’ор“. Шевченко, кој е селектор на Украина, вели дека нема пречки за Белгиецот.

„Зошто напаѓачите секогаш ги добиваат наградите? Бидејќи се одговорни за завршување на секој напад. Луѓето сакаат да гледаат голови. Азар е феноменален фудбалер, но нема 20-25 гола по сезона. Оваа сезона има осум, така што може до таа цифра. Може да биде лесно во игра за наградата“, вели Шевченко за порталот „Гол“.

42-годишниот Шевченко исто така имаше добри зборови за Алваро Мората, проблематичниот напаѓач, кој има само 3 гола оваа сезона. Самиот Шевченко знае како е да се мачиш на „Стемфорд бриџ“, откако направи трансфер од 30 милиони фунти од Милан, за на крајот да постигне 22 гола во 77 настапи за Челси.

„Мората има шанси и тоа е најважно. Треба малку да ја подобри завршницата и тогаш ќе биде незапирлив“, додава Шевченко.

Scroll to Top