Украинскиот селектор и легенда на Милан, Андриј Шевченко признава дека една од главните цели во тренерската кариера му е еден ден да седне на клупата на „росонерите“.
Шевченко е најдобриот стрелец на Милан во последните 25 години, со 175 гола во два наврати во дресот на „росонерите“, со кои освои една титула од Лигата на шампионите. По крајот на кариерата, тој имаше успешно деби како тренер на украинската репрезентација, квалификувајќи ги за Европското првенство 2020.
„Во моментов, најважно е да се заврши оваа сезона. Сите фудбалери мораат да го дадат максимумот за сезоната да заврши со добар пласман, а потоа ќе видиме што ќе се случи и што ќе донесе иднината за Милан. Секако, еден ден сакам да се вратам како тренер на Милан. Клубот секогаш ќе биде во моето срце, како и неверојатните фанови, но засега размислувам на мојата работа како селектор на Украина“, вели Шевченко.