Top Sport

Шевченко: Најдобрата победа во кариерата ми е таа против Јуве (видео)

Легендата на Милан, а сега украински селектор, Андриј Шевченко вели дека „најпрекрасната“ победа во неговата кариера била таа со Милан на пенали над Јувентус во финалето на Лигата на шампионите во 2003 година.

Шева во кариерата постигна 175 гола за Милан, освојувајќи едно скудето и еден трофеј од ЛШ и во интервју со „ДАЗН“ тој се потсети на најблескавите моменти во кариерата.

„Кога пристигнав во Милан, тоа беше навистина прекрасен и посебен момент. Има убава приказна за бројот 7 кој го носев. Се сеќавам дека кога пристигнав, Демба Ба ми ја понуди бројката и тоа беше совршено. Два дена подоцна ми се јави еден пријател и ми кажа дека на хебрејски, бројот 7 е ’шева’. Не ми се веруваше.Најубавата победа? Финалето на ’Олд Трафорд’ во Манчестер против Јуве. Многу силен Јувентус на славниот стадион во најважниот меч во мојата кариера“, вели Шевченко.

Тој исто така имаше само убави зборови за поранешниот газда на „росонерите“, Силвио Берлускони.

„Берлускони беше голем претседател и голема личност. Тој е одговорен за 25 години на историја на Милан. Паоло Малдини пак, беше голем капитен, голем пријател и уште поголем фудбалер“, додава Шева.

Еден од најубавите голови во кариерата на Украинецот беше повторно против Јуве, во декември 2001, кога го совлада Џанлуиџи Буфон од огромна далечина, а уште трае дискусијата дали тоа беше воопшто удар или само нафрлање.

„Такви голови доаѓаат навистина ретко, колку и да се обидуваш. Но, тоа дефинитивно беше удар, а не нафрлање. Нема сомнеж во тоа. Мислам дека беше убав потег“, додава Шевченко.

Scroll to Top