Top Sport

Ливерпул ја освои Баварија, Барса ги комплетираше најдобрите осум во ЛШ (видео)

Ливерпул стигна до импресивна 3:1 победа на гостувањето на „Алијанц арената“ за да ги елиминира Баерн Минхен и заедно со Барселона, која со 5:1 го победи Лион, станаа последните два тима кои се пласираа во четврт-финалето на Лигата на шампионите.

Со оваа победа, Ливерпул се приклучува на Тотенхем и двата клуба од Манчестер како четврти англиски претставник во четврт-финалето, каде што уште се и Барселона, како единствен претставник на Шпанија, Јувентус од Италија, португалскиот гигант Порто и холандскиот Ајакс. Ждрепката е во петок, а овојпат нема носители, ниту правила за избегнување.

Дека Ливерпул е дојден во Минхен по победа беше јасно уште на стартот на мечот, кога Садио Мане во 26. минута одлично се снајде и ја искористи грешката на Нојер за да им донесе водство на „црвените“, со кое беа на чекор до пласман понатаму, бидејќи првиот натпревар во Англија заврши 0:0.

Само 13 минути подоцна, Баерн израмни преку автоголот на Жоел Матип, но на тимот на Нико Ковач му беше потребен уште еден гол за да обезбеди пласман. Сепак, надежите за вакво нешто ги уништи Виргил ван Дајк, кој по корнерот на Милнер го „натскока“ Мартинез за да ја забие топката во долниот лев агол. Во 84. минута, Садио Мане стави точка на натпреварот, откако по одличната асистенција на Мо Салах, го совлада немоќниот Нојер, што значеше прва елиминација на Баерн во осминафинале на ЛШ од 2010/11.

Со оваа победа, Ливерпул останува со надежи за уникатна двојна титула, од Лигата на шампионите и од Премиер лигата, во сезона која долго ќе се памети кај навивачите на „црвените“.

На „Ноу Камп“ пак, Барселона во крајот го скрши отпорот на незгодниот Лион со 4:1 откако првиот меч во Франција заврши без голови. Блауграна, исто како и Ливерпул, останува во лов на повеќе титули оваа сезона – во Ла лига, во Копа дел реј и во ЛШ.

Барса дојде во водство во 18. минута со гол од пенал на Лео Меси, за по 31. минута игра, голот да го затресе и Филипе Кутињо за лесна 2:0 предност. Меѓутоа, второто полувреме беше направено интересно од Лукас Тусар, кој во 58. минута намали на 2:1 и на „лавовите“ им беше потребен само еден гол за да одат понатаму (поради правилото гол-на-гости).

Сепак, ова не се случи и Лион до крајот прими уште три гола – прво повторно од Меси во 78. минута, потоа преку Жерард Пике три минути подоцна, за Усман Дембеле во 86. минута да ја комплетира катастрофата на гостите.

ЧЕТВРТ-ФИНАЛИСТИ НА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Ајакс (Хол)

Барселона (Шпа)

Јувентус (Ита)

Ливерпул (Анг)

Манчестер сити (Анг)

Манчестер јунајтед (Анг)

Порто (Пор)

Тотенхем (Анг)

Фото: ЕПА

Scroll to Top