Легендата на Њукасл јунајтед, Алан Ширер признава дека кон поранешниот капитен на Манчестер јунајтед, Рој Кин имал само чувство на презир кога двајцата биле ривали во Премиер лигата.
Кин, кој освои седум титули од Премиер лигата со Јунајтед, имаше повеќе конфликти со Ширер во текот на нивните кариери, но најмногу се памети инцидентот од септември 2001, кога Њукасл победи со 4:3. Пред крајот на мечот, Ширер го провоцираше Кин, пред тој да се обиде да го нокаутира за што доби црвен картон.
„Да, навистина не го сакав. Имав многу пресметки со него, и искрено, не бев единствениот. Ги победувавме на ’Сент Џејмс’ и тој сакаше бргу да изведе аут, а цело време ме провоцираше. Не се сеќавам што му кажав, најверојатно го нареков некако. Доби црвен картон и се сеќавам дека бев насмеан. Не ми се веруваше дека падна во мојат астапица“, вели Ширер.
Но, тука не беше крајот, откако Кин го чекал Ширер во тунелот по крајот на натпреварот.
„Го гледам, му чади од ушите, и знаев дека ќе ме чека. Се поздравувам со навивачите, со другите играчи и го гледам таму“, објаснува Ширер.
Во 2014 година, Кин исто така зборуваше за инцидентот и призна дека уште не може да се смири со него. Двајцата остануваат легенди на Премиер лигата – Кин одигра 326 натпревари во 12 сезони на „Олд Трафорд“, додека Ширер останува рекорден стрелец во Премиер лигата со 283 гола во 559 настапи.