Поранешниот германски репрезентативец Андре Ширле го нарече менаџерот на Тотенхем, Жозе Мурињо брутален човек, велејќи дека неговиот пристап кон работата му ја уништил самодовербата додека беше фудбалер на Челси.
Ширле, кој се повлече од фудбалот на само 29 години, стана сензација откако му асистираше на Марио Геце за победничкиот гол во финалето на Светското првенство во 2014 година. Тој пристигна на „Стемфорд бриџ“ во 2013 година и остана само две сезони кај „сините“, откако Мурињо не успеа да го достигне максимумот со него.
„Тој е брутален човек. Секогаш мислев: Зошто го прави ова? Зошто ме третира вака? Зошто е таков кон луѓето? Од сегашна перспектива сфаќам што сакаше и со кои ресурси работеше, но тогаш не можев да го поднесам тој строг однос и психолошки притисок. Беше многу тешко. Честопати ќе одев накај дома по разговор со него и си помислував дека не можам повеќе да изддржам. Што можев да направам? Тој ми стави работи во главата кои беа тешко да се обработат“, објаснува Ширле.
Тој доби шанса во првата сезона под Мурињо, но во втората неговите минути беа ретки.
„Ќе почнев меч, и тој ќе ме сменеше на полувреме. Потоа во следниот натпревар, не бев воопшто во тимот, туку седев на трибините. Не го сфаќав тоа и ја загубив самодовербата. Ми го повреди егото“, додава Германецот.
Ширле во 2015 се врати во Германија со Волфсбург, а во 2016 година потпиша за Борусија Дортмунд, но потоа беше позајмен фудбалер во Фулам и Спартак Москва, пред да замине во пензија.