Шкендија на својата втора шампионска титула во Првата лига ја додаде и втората титула од Купот на Македонија, откако на „Младост“ во Струмица во доминантен меч со 3:0 го совладаа тимот на Пелистер, кој од следната година е второлигаш.
Шкендија поведе преку Муслиу во 20. минута од мечот, за во 52. минута Бесарт Ибраими да зголеми на 2:0, а клуч на натпреварот стави уште еднаш Висар Муслиу во 72. минута од мечот, кој беше одбележан со дожд и лошо време во Струмица.
Со оваа титула, Шкендија ја завери убедливата сезона во македонскиот фудбал, во која успеа да го победи Вардар во шампионатот и рекордно бргу да ја обезбеди титулата во Првата лига. Сега, тетовци ги чекаат подготовките за квалификациите во Лигата на шампиони.
Од друга страна, Пелистер, кој беше актуелен освојувач на Купот и одеше во трета титула во ова натпреварување, сега ќе мора да се соочи со животот како второлигаш. Доколку го добиеја финалето, битолчани ќе можеа да се надеваат на европски фудбал во Лигата на Европа, но сега последното место во ова натпреварување е за Ренова, заедно со Работнички и Вардар.
Фото: ФК Шкендија