Top Sport

Шкупи ја нападна ФФМ зошто нивниот фудбалер Хамиди не добил литванска виза

Поранешниот македонски шампион, Шкупи со две соопштенија се пожали што нивниот фудбалер, Алжирецот Валид Халими не добил виза за Литванија за мечот со Хегелман од Конференциската лига на УЕФА.

Тие прво остро ја нападнаа Фудбалската федерација на Македонија, иако не е јасно како тие се одговорни за недобивањето на виза.

„Доста е! FC Shkupi е екипа од оваа земја. Како клуб ние во Европа ја претставуваме Република Северна Македонија. Кога сме на само еден ден до првиот натпревар во Конференциската Лига, се уште не сме добиле патна виза за еден од нашите најважни играчи, Валид Хамиди.

За жал, со денови сме оставени сами на себе во напорите да се справиме со овој проблем. Ниту Фудбалската Федерација на нашата земја, ниту некој друг функционер не се приклучи да ни помогне. За да се реши овој проблем, се вклучија Фудбалската Федерација на Литванија и УЕФА, но се уште не добивме позитивен одговор, останувајќи уште еднаш без поддршка од нашата земја.

Треба добро да се знае и да се разбере дека целта на создавањето на Фудбалската Федерација е да им служи на фудбалот и фудбалските клубови. Ги прашуваме надлежните, дали е правилно да се остави клуб сам во толку важен момент? Како резултат на секое достигнување во Европа, успехот е и на Република Северна Македонија. Не можеме да разбереме зошто на фудбалер не му се дава виза за патување на фудбалски натпревар“, се вели во првото соопштение.

Подоцна, тие објаснија дека проблемот е во тоа што Хамиди доаѓа од Алжир.

„Проблемот нашиот играч Валид Хамиди што го има при добивањето виза, информирани сме дека доцнењето настанало поради тоа што нашиот играч е Алжирец. Во денешниот свет, трагикомично е фудбалер да биде спречен или да задоцнува да учествува на меѓународен турнир поради таква причина. Ова е меѓународен турнир и ова е наш играч! Жално е што политиката има толку негативен ефект врз фудбалот. Не треба да се заборави дека за еден фудбалер е многу битно да учествува во вакво натпреварување, за ова се одговорни оние кои го спречуваат и оние кои не си ја вршат својата должност.

Поради овој бесмислен проблем со визата, нашиот клуб испрати барање за одложување на натпреварот до УЕФА бидејќи не е фер кон нас. Исто така, од името на нашиот клуб сакаме да му се заблагодариме на г. Бујар ОСМАНИ, министер за надворешни работи на Македонија и г. Сервет Јардимчи, член на Управниот одбор на УЕФА, кој се обиде да ни помогне во овој процес“, се вели во второто соопштение.

Фото: ФК Шкупи

Scroll to Top