Top Sport

Шкупи пред реваншот со Хегелман: Ќе играме како да е 0:0 по првиот меч

Македонскиот претставник Шкупи утре (21 часот) го игра реваншот против литванскиот Хегелман во реванш меч од првото квалификациско коло од Конференциската лига. Тренерот Чихат Арслан и фудбалерот Реналдо Цефас истакнуваа дека тимот нема да се задоволи со убедливиот триумф (0:5) на гости, туку ќе игра како да е 0:0.

„Првиот натпревар го добивме со резултат 5:0, тоа беше прекрасен резултат каде блескаше Цефас. Имавме малку потешкотии на враќање, бидејќи тоа беше долго патување и секако бевме малку уморни, па за ова време имавме добро закрепнување и сега сме подготвени за реваншот. Без разлика каков резултат имаме од првиот натпревар, мора да бидеме сконцентрирани. Им потенцирав на играчите дека ова е важен меч и мора сериозно и дисциплинирано да го извлечеме најдобриот можен резултат. Мора да го почитуваме противникот, без разлика на резултатот од првиот натпревар, мора да извлечеме добар резултат и на реваншот, но сакам да кажам дека ќе биде многу потешко од првиот дуел“, изјави Арслан.

Реналдо Цефас истакна дека фудбалерите се максимално подготвени и за реваншот.

„Што се однесува до утрешниот натпревар, сите играчи се подготвени за овој натпревар. Се подготвувавме цела недела, не само физички, туку и психички. Знаеме дека имаме убедлива предност, но двомечот сѐ уште не е завршен. Утре треба да влеземе во игра како резултатот да е 0:0“, изјави Цефас.

Scroll to Top