Чаирскиот претставник во ПМФЛ, тимот на Шкупи со победа ја заврши есенската полусезона, па со 42 бода од 18 кола е највисоко на прволигашката табела. Шкупи попладнево во Велес со 3-0 славеше против тимот на Борец.
Головите за гостити од Скопје ги постигнаа Адетуњи (20 и 70 минута) и Ѓорѓиевски (86 минута).
Втор на табелата на полусезонска пауза ќе оди тимот на Академија Пандев. Попладнево во Струмица домашните со голот на Бихорац во 90 минута славеа триумф од 1-0 против екипата на Пелистер и со 35 бода ќе презимат како второпласирани.
Ист број бодови, но со послаба гол разлика е и тетовска Шкендија која денеска со 1-0 славеше против тимот на Скопје. Стрелец на единствениот гол вреден 3 бода за тетовци беше Гури во 69 минута.
Попладнево се одигра уште еден дуел, оној во Градски парк во Скопје, каде Македонија ЃП со 2-1 како гостин славеше против тимот на Работнички.
Мечот Струга – Ренова не се одигра заради снегот кој го затрупа теренот во Струга.
Вчера Брегалница како гостин славеше во Кавадарци против Тиквеш со 3-1.
Токму штипјани се четвртопласирани на табелата со 29 поени, па следуваат Ренова, односно Македонија ЃП на 5. и на 6. позиција со по 27 поени.
На дното на табелата е Пелистер со само 5 освоени бода.
Следното коло во ПМФЛ е закажано за 13. февруари 2022 година.
Фото: ФК Шкупи