Англискиот првак Манчестер Сити бара огромна сума за продажба на играчот од средниот ред, Бернардо Силва. Барселона го сака Португалецот и „граѓаните“ се подготвени да го пуштат да се пресели на „Камп Ноу“, но само доколку добијат 100 милиони фунти, откриваат медиумите на Островот.
Не е тајна дека самиот Бернардо Силва сака да се пресели во Барселона. Тоа јасно им го кажал на сопствениците на „граѓаните“. На „Етихад“ сепак знаат дека тој е премногу вреден играч за тимот, а покрај тоа, евентуалната зделка ќе се случи во последните денови од преодниот рок, кога на клубот ќе му биде тешко да најде соодветна замена за него.
Со моментната финансиска ситуација во која се наоѓа Барселона, каталонскиот клуб нема шанси да плати толкава цена за 28-годишниот Португалец.
Бернардо Силва дојде на „Етихад“ од Монако во 2017 година за 70 милиони, евра плус дополнителни бонуси. Во изминатите 6 сезони, тој стана клучен играч на Сити, забележувајќи 253 настапи, со 48 гола и 50 асистенции во сите натпреварувања.