Top Sport

Шпанците повторно разочараа, Полска освои бод во Севилја

Шпанија не успеа да забележи победа и во вториот меч на Европското првенство. Вечерва, во натпреварот, со кој заврши второто коло, Шпанија одигра 1:1 со Полска, во Севилја.

Шпанците, како и во првото коло, доминираа во текот на целиот натпревар, меѓутоа шансите што ги создадоа не ги реализираа.

Во првото полувреме, Шпанците постигнаа еден гол, преку Алваро Мората во 25 минута.

Првично помошникот на главниот судија Даниеле Орсато сигнализираше офсајд, сепак десетина секунди подоцна ВАР потврди дека голот е регуларен.

Полска имаше можност да израмни во 42.минута, најпрвин Швијетерски ја погоди стативата, топката се одби до Левандовски, чии удар во ситуација „еден на еден“ го одбрани Унаи Симон.

Во вториот дел, Полска израмни преку Роберт Левендовски во 54.минута. Најдобриот стрелец во историјата на полската репрезентација, го доби дуелот со Ајмерик Лапорт и со глава го совлада Унаи Симон.

Само што тргнаа од центарот ВАР додели пенал за Шпанија, ударот на Џерард Морено заврши во стативата, на одбиената топка налета Мората кој пред себе имаше празен гол, но не успеа да погоди.

До крајот на мечот, Шпанците доминираа во поседот, Мората имаше уште една шанса, но не успеа да ја реализира.

По две кола во Е-групата води Шведска со четири бода, Словачка има три, Шпанија два, а Полска еден бод. Во последното коло Шпанија ќе игра против Словачка, а Полска против Шведска.

Scroll to Top