Шпанската анти-допинг агенција потврди дека отворила истрага за допинг за крилото на Валенсија и на руската репрезентација, Денис Черишев, откако неговиот татко Дмитриј за руските медиуми изјави дека неговиот син добил инјекција за побрзо опоравување.
„Можеме да потврдиме дека отворивме истрага за да добиеме повеќе информации за случајот. Истрагата ќе се врши во соработка со Руската анти-допинг агенција“, изјави портпаролот на Министерството за спорт на Шпанија.
Черишев, кој постигна четири гола за Русија на домашното СП, демантира дека земал недозволени супстанции, но неговиот татко Дмитриј во текот на првенството за весникот „Спорт викенд“ изјави дека неговиот син добил инјекција со „хормон за раст“ пред стартот на шампионатот.
Руската фудбалска федерација по ова изјави дека фудбалерот добил третман со плазма (ПРП), инјекција која е легална и посочи дека новинарите погрешно ја интерпретирале изјавата на Дмитриј Черишев.