Top Sport

Што бараше Барса на бизарниот „Марадона куп“ против Бока јуниорс?

Барселона и Бока јуниорс одиграа 1:1 во бизарниот меч наречен Марадона куп во Саудиска Арабија, по што Каталонците загубија со 4:2 во пенал серијата во дуел на кој според многу фудбалски фанови не требаа да играат Каталонците, и за кој двата клуба добија по 2 милиони евра.

Чави Ернандез на „МРСООЛ парк“ во Ријад на теренот не го изнесе својот најдобар тим, иако му даде шанса на Дани Алвеш да игра покрај фудбалери од младиот состав (Ахомач, Демир, Нето, Санз, Балде), а својот прв гол во дресот на Барса го постигна 22-годишниот Феран Жугтла во 50. минута, кој неодамна со Осасуна дебитираше, а пристига во Барселона од Еспањол во текот на летото. За Бока, израмни тинејџерот Езекиел Зебалјос во 77. минута од мечот. Во пенал-серијата, сите фудбалери на Бока беа прецизни, додека Матеуш Переира и Гијем Хаиме беа непрецизни за Барселона.

Диего Армандо Марадона е „идол“ на многу фудбалски фанови, и на неколку фудбалски клубови, од кои секако на првото место се неговите омилени Наполи, но и Бока јуниорс, и Њуел олд бојс. Барселона тешко дека може да се вброи во оваа конкуренција, посебно бидејќи тој помина само две сезони со многу повреди во клубот, а и самиот немаше најдобри зборови за Каталонците. Но, откако Наполи побараа  4 милиони евра за мечот, Барселона, во финансиска криза го прифатија мечот.

Да потсетиме во 2018 година, во интервју за „Марка“, Марадона најави дека и неговиот сонародник и наследник, Лео Меси ќе замине од Барселона.

„Во Барселона ги забораваат своите идоли многу бргу. Нека внимаваат да не го направат со Меси тоа што го направија со мене, со Ривалдо, со Роналдо, со Ромарио, со Луиш Фиго. Можам да набројам многу фудбалери кои беа исфрлени од Барселона поради љубомора. На крајот губат фановите“, изјави тогаш Марадона.

Scroll to Top